Животите на млади луѓе за миг згаснаа заради самоволие, импровизација и манипулација, ниту еден одговорен не смее да избегне казна, порача претседателката Сиљановска-Давкова

Со солзи во очите и растреперен глас вечерва на македонските граѓани се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за пожарот во Кочани со 59 загинати и 155 повредени. Кажа дека ги посетила повредените во болниците и повика да ги здружиме силите околу преживеаните. Почара дека никој не смее да избегне одговорност.

„Почитувани и сакани граѓани, ве молам водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката свесни дека смртта и болеста подеднакво не допираат сите без оглед на каква било припадност. Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овојпат не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите. Да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитото и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

И таа, како и многумина политичари денес, рече дека не знае со кои зборови да им изрази сочувство на родителите и најблиските на загинатите.

„Вашата неизмерна болка е и моја. Утринава ги посетив болниците. Пред нив ме дочекаа родителите на повредените со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас, како нив, верувам дека ќе го сторат не само можното туку неможното за да им помогнат на нивните сакани“, рече претседателката Сиљановска-Давкова и нагласи дека е шокирана и како мајка, како човек и како претседателка се уште не може да поверува дека ужасната трагедија во Кочани е реалност.

И во оваа трагедија претседателката нагласи дека не сме сами оти за помош веднаш се огласија не само соседните туку и подалечните држави и кажа дека најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција.

„Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни“, рече претседателката на крајот од обраќањето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.