
(Видео) Мицкоски: Прво ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, а потоа ќе излеземе на избори
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 16 Март 2025

„Прво ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, а потоа ќе излеземе на избори пред граѓаните и тие се најголемата морална потврда за кредибилитетот за еден политичар“.
Тој додаде дека бил цел ден во Кочани, од шест часот утрово.
„Моралната димензија кај мене како човек секогаш постои. Немам никаква дилема. Осум месеци работам за да го поразам овој корумпиран систем. Сите ние треба да чувствуваме морална одговорност“, додаде Мицкоски.
Премиерот кажа дека не планираат вонредна состојба или вклучување меѓународни експерти во делот на истрагата.
„Повеќе од 20 луѓе се приведени или изведени пред обвинител на распит. Ќе излезат уште многу други работи кои што се катастрофални. Тоа што некој за пари фалсификувал лиценци е најмал проблем, како воопшто добиле лиценца од 2014 па наваму, па таа се пренесувала од едно, на друго на трето име, а потоа зошто е фалсификувана, па е препокривана со друга, а и двете се лажни. Тоа ќе го покаже истрагата“, рече премиерот и додаде дека ова не е единствен случај.
„Ова е само потврда дека вакви случаи има стотици, илјадници, кои на ваков начин уживаат од овој корумпиран систем“.
Тој кажа дека таа фалсификувана лиценца ја издало Министерството за економија, а потпишан е тогашниот државен секретар.
Премиерот најави дека од утре започнува голема акција во насока на проверка на сите документи, лиценци, дозволи за градба, дозволи за употреба, дозволи за работа на овие објекти.
„Јас сум убеден дека ќе најдеме стотици. Милиметар да недостасува ќе бидат затворени. Нема да има милост кон никого. Не сезона, свети сезона нека е. Овој објект е прошируван и легализирани се дополнителни квадрати“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
