
„Неизмерно тагуваме по огромната загуба на нејзиниот млад живот исполнет со многу светлина, која нѐ грееше сите нас“, УАКС се прости од нивната студентка Ана
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 20 Март 2025

„Денес, со тешко срце се збогуваме со нашата драга Ана, наша студентка, другарка и член на УАКС-семејството. Неизмерно тагуваме по огромната загуба на нејзиниот млад живот исполнет со многу светлина, која нѐ грееше сите нас секојдневно“, велат од Универзитетот „Американ колеџ Скопје“ .
Ана ќе ја паметиме по нејзината добрина, која несебично ја делеше со сите оние што ја познаваа, нејзината топлина како човек и пријател, но и по нејзината амбиција, таленти и љубов што ја имаше за сите и за сѐ што правеше. Нејзиното присуство беше вистинско богатство за сите што имаа чест да ја познаваат. Нејзиното отсуство, пак, ќе биде гласно и ќе го чувствуваме сите многу долго и длабоко.
Во овие моменти на огромна тага нашите мисли се со нејзиното семејство, пријателите и сите оние што ја познаваа и што ја сакаа. Споменот на нашата Ана нека биде она што ќе ни даде сила да бидеме солидарни, да подадеме рака и да бидеме поддршка за оние на кои најмногу им треба.
Во отворената книга на жалост, денес, а и во деновите што следуваат, ќе ги запишеме нашите мисли и молитви и ќе ја спомнеме нашата другарка.
Почивај во мир, мила наша Ана. Засекогаш ќе останеш дел од нашите срца и од нашата приказна“, велат од Универзитетот „Американ колеџ Скопје“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
