
Tоксиколошки анализи ќе им се прават на сите пациенти пред испишување, утре од болница си заминуваат тројца повредени во пожарот во Кочани
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 20 Март 2025

Четврти ден по трагедијата во Кочани со 59 починати и 196 повредени, министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека сите пациенти сместени во домашните и во странските болници се во стабилна состојба. Во нашите болници се лекуваат 72 повредени во пожарот, а 101 се во странство.
Од 20 пациенти, кои од земјава во критична состојба беа испратени на лекување во неколку странски клиники, денес има само десетмина што се во потешка состојба, но се стабилни и надвор од животна опасност.
Од вчера почнати се и исписи од болниците на повредените во пожарот, кои се во подобра состојба. Испишани биле тројца пациенти, а министерот Таравари најави дека веќе се планирани и нови исписи за следните денови. Сите пациенти пред да си заминат дома мора да направат токсиколошки анализи.
„На сите пациенти што ќе се испишуваат ќе им се прават токсиколошки анализи. Затоа и денеска не брзавме да ги испишеме, имавме неколку пациенти што беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози и ќе направат испитувања, да бидеме сигурни за да ги пуштиме на лекување во домашни услови“, рече министерот Таравари.
Од следната недела тој се надева дека ќе почнат да ги повлекуваат и пациентите што се на лекување во странство. Очекува пациентите чија состојба се стабилизирала да се вратат и тука да го продолжат лекувањето.
Попладнево, министерот најави дека на веб-страницата на Министерството за здравство ќе бидат објавени имињата на сите болници со податок колку наши пациенти се сместени во нив, без име и презиме на повредените.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
