Кочани, „Беса транс“, тетовската болница, Ласкарци: Изет Меџити ветува правда за сите трагедии

Првиот вицепремиер Изет Меџити вети дека ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци. Тој нагласи дека Северна Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостигала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце.

 

„Додека се молиме за преживеаните и се подготвуваме да ги испратиме трагично загинатите на 16 март, како Влада ветуваме дека горчливата лекција од Кочани е научена, пораката е примена: државата нема да седи со вкрстени раце и нема да дозволи правдата да заталка и да се девалвира во институционалните лавиринти изградени да ги штитат токму недопирливите!“, напиша Меџити.

 

Тој истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.

 

„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата, која ја контролира државата, како што, за жал, тоа било случај со години, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција“.

 

Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смее да дозволат повторување вакви несреќи.

 

„Кочани е нашата совест, која повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол, кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко во институциите што ги уништуваат човечките животи“.

 

Тој ги увери граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција.

 

„Но, државата ќе дејствува! Одговорност ќе има! Правда ќе има: за Кочани, за ‘Беса транс’, за тетовската болница, за Ласкарци, за сите трагедии предизвикани од корупција и неказнивост, а чии последици се човечки животи!“





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.