Муртезани: Планот за раст и реформите носат конкретна европска перспектива за граѓаните и економијата

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани и амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, одржаа заедничка прес-конференција на која ги презентираа главните аспекти од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија.

 

Рокас ја нагласи силната поддршка од Европската Унија преку конкретни финансиски и стратешки мерки кои ќе овозможат забрзување на реформите, подобрување на социо-економските услови и приближување на Северна Македонија кон членството во ЕУ.

 

Муртезани се осврна на значењето на јасната, транспарентна и ефективна комуникација со граѓаните, претставувајќи го Планот за комуникација и видливост на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 – 2027 на Северна Македонија кој е наменет за зголемување на довербата во реформските процеси и поголема видливост на конкретните придобивки од евроинтегративниот процес.

 

Преку овој План, граѓаните, рече Муртезани, ќе можат јасно да ги согледаат конкретните резултати и ефекти на реформите – од подобрување на деловното окружување и отворање нови работни места, до поголема економска конкурентност и зајакнати демократски институции.

 

Оценува дека на овој начин, Планот не само што ќе ја зголеми видливоста на активностите што ги реализираме со помош на ЕУ, туку и ќе ја засили довербата на граѓаните во реформскиот процес и во самата европска иднина на нашата држава.

 

Според него, тој е политичка порака дека Северна Македонија сериозно и одговорно чекори напред кон својата европска иднина.

 

Има три јасни и важни столбови, нагласи министерот.

 

Првиот е лесниот пристап до јасни и точни информации. За таа цел, ќе креираме специјализирана онлајн платформа, која ќе биде централна точка за следење на сите активности, напредок и резултати од реформите. Оваа платформа ќе обезбедува транспарентност и ќе овозможи директна комуникација помеѓу институциите и јавноста.

 

Вториот елемент е активното вклучување на граѓаните и сите релевантни засегнати страни во процесот на реформите. Преку јавни настани, дискусии и медиумски кампањи, ќе овозможиме двонасочна комуникација што ќе поттикне отворен дијалог и ќе изгради силно партнерство меѓу институциите и граѓаните.

 

Третиот столб е препознатливоста и конзистентноста во комуникацијата преку единствен визуелен идентитет. Со развој на јасно лого, шема на бои и визуелен бренд, ќе обезбедиме дека секоја активност поврзана со реформите и Планот за раст е лесно препознатлива и ја носи пораката за нашите заеднички европски вредности и цели.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.