Очигледно, направена е некаква грешка, рече Мицкоски за царината од САД, очекува бргу да се коригира

Премиерот Христијан Мицкоски очекува бргу да се коригира одлуката на САД за зголемувањето на царините кон Македонија од 33 отсто. Тој вчера најави добри вести од САД за македонските граѓани, но вестите, како што кажа и самиот, сѐ уште не стигнале, а процесот е сензитивен. Кога сѐ ќе се заврши, рече премиерот, тогаш ќе излезат во јавноста со детаљни информации.

 

Според него, во пресметката за царините кон нашата земја очигледно направена е некаква грешка или се работи за погрешна информација.

 

„Ние работиме со нашите партнери САД и очекувам многу бргу да се коригира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешни информации имајќи предвид дека лани нашата трговската размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит, а тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за зголемувањето на капитацискиот бод на матичните лекари.

 

Во однос на тоа како царините ќе се одразат врз македонската економија, премиерот рече дека секундарните ефекти би можеле да бидат значително поголеми од директните доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат спорот со САД.

 

Премиерот вчера изјави дека Владата и институциите на САД се во постојана комуникација, со тамошните министерства за економија и за финансии, со Стејт департментот, со кабинетот на претседателот Доналд Трамп.

 

Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини за увозот од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија. За увозот од Македонија, Трамп одреди царина од 33 отсто.

 

Владата потоа уверуваше дека одлуката на САД за царинските трошоци нема да има големо влијание врз нашата економија, а тие имаат план за надминување на ситуацијата. Македонската Влада тогаш истакна дека нема потреба од паника и избрзани реакции и заклучоци.

 

Трговската размена меѓу Македонија и САД минатата година изнесувала 314 милиони долари, од кои 118 милиони долари е извоз на Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.