
Меган Маркл: Работам од 13 години, животот не беше лесен
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 07 Април 2025

Меган Маркл сака да ги потсети своите критичари дека нејзиниот живот не бил отсекогаш лесен. Во интервјуто за „Њујорк тајмс“, кое беше објавено на 2 април, а направено во нејзиниот дом во Монтесито, војвотката од Сасекс се осврна на коментарите дека обичните луѓе не може да се поврзат со неа. Покажувајќи кон својата куќа, таа праша: „Зарем не знаат дека мојот живот отсекогаш не бил ваков?“
Критиките кон Меган, која ги има синот Арчи (5) и ќерката Лилибет (3) со принцот Хари, се интензивираа по премиерата на нејзината нова серија на „Нетфликс“, „Со љубов, Меган“, во која таа споделува совети за готвење, изработка и организирање собири.
Кога новинарката на „Тајмс“, Џулија Москин, ја предупреди за критиките од некои гледачи, кои приговараа дека садовите за готвење Le Creuset што ги користи во шоуто се прескапи, Меган изненадено праша: „Ова е темата, во 2025 година?“ Таа потоа се сврте кон мајка си Дорија Рагланд, која коментира: „Сите се лути поради нешто денес“.
Што се однесува до причините за почнување на серијата, која три дена по премиерата, доби зелено светло за втора сезона, Меган објасни дека работела од 13-годишна возраст до средбата со Хари во 2016 година по што престанала да глуми и го затворила својот популарен блог за животен стил The Tig.
„Морам да работам и сакам да работам“, истакна Меган. „Ова е начин да го комбинирам мојот семеен живот со работата“. Таа исто така искрено зборуваше за предизвиците на лансирањето на нејзината нова бренд-линија As Ever, која првично беше наречена American Riviera Orchard.
„Имаше многу пресврти, дури и со името“, рече таа во интервјуто за списанието „Пипл“, објавено на 3 март. „Сето тоа го решавав тековно. Неверојатно сум им благодарна на сите што ми дадоа простор да правам грешки и да учам“, продолжи Меган, „и да бидам нежна со себе во текот на овој процес. Тоа е процес на учење“
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
