
Нов протокол за засилување на соработката помеѓу МВР и Јавното обвинителство
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Април 2025

Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски, потпишаа нов протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство, со што уште еднаш ја потврдија посветеноста за засилување на интеринституционалната координација за успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка.
Министерот Тошковски нагласи дека засилената заложба за подобрување и јасно дефинирање на системот за борба против криминалот значи и постојано унапредување на правилата на игра по што институциите ќе може да соработуваат и, што е поважно, ефикасно да ја водат таа борба.
„Прецизните правила значат поголема ефикасност за институциите, за правдата и за законите, ќе ја зацврстат нашата меѓусебна координација и ќе креираат силна институционална алатка повеќе за борба со сите форми на криминал и корупција со кои се среќаваме секојдневно. Со потпишувањето на овој протокол ги поставуваме темелите на доверба и соработка, каде што заедничката цел е јасна – успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка“, нагласи министерот Тошковски.
Министерот Тошковски образложи дека документот утврдува јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители во активностите што се преземаат за откривање и гонење на сторителите на кривични дела, а во исто време треба да ги подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем.
„Ова не е само правен документ, туку и знак на волја за заедничка акција, заснована на доверба, транспарентност и отчетност“, нагласи министерот Тошковски на чинот на потпишувањето.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски ја потенцира оперативната вредност на протоколот.
„Протоколот не е некаква политичка декларација, туку оперативен план заснован врз нашите закони за кривична постапка. Ги поедноставува процедурите за соработка, обезбедува јасност во сложените случаи и ја засилува координацијата во посебните мерки за истрага. Нашите институции се соочуваат со високософистицирани форми на криминал и овој протокол ќе ни помогне да се адаптираме и да се соочиме со тие предизвици“, потенцира обвинителот Коцевски.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, кои учествуваа во креирањето на овој протокол, нагласи дека МВР и Јавното обвинителство влегуваат во нова фаза на соработка, во која ќе се реализираат придобивките од овој протокол.
„Овој чекор ќе го засили делот на спроведување на кривичната постапка, ќе има видлив оперативен ефект и ќе поплочи патот кон заеднички обуки и практики. Стандардно оперативните процедури и практични алатки ќе овозможат многу поефикасна борба со сложените криминални случаи, корупцијата, организираниот криминал, финансиските криминали и сајбер-криминалот“, потенцира амбасадорот Вал
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
