
Дел од онколошките пациенти повторно без лекови, СДСМ бара одговорност
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Април 2025

Дел од онколошките пациенти повторно останаа без лекови. Oколу еден месец нема биолошка терапија за рак на дојка, а деновиве снемало и за меланом и карцином на бели дробови.
Ана Марјановиќ од Здружението Хема – Онко рече дека причината зошто болните се оставени без терапија се должи на доцнењето со тендерските процедури за годишната набавка и административните кочења.
Од Клиниката, пак, информираа дека процедурата за годишната набавка на терапија е во тек и кон крајот на наредната недела или веднаш после Велигден ќе се потпишат договорите со добавувачите за да почнат да ги носат лековите кои недостигаат.
Утрово стигна реакција од опозициската СДСМ која повика на одговорност.
„Пациентите на Клиниката за онкологија повторно се соочуваат со недостаток на клучни лекови, од кои директно зависи нивниот живот. Иако Клековски јавно ветуваше дека нема да се случи повторно да нема лекови, оваа недела недостасува биолошкиот лек Palbosiklib, недостиг има и на лекот Bevacizumab (Авастин) – терапија што ја примаат голем број пациенти два пати месечно, терапија од која зависи нивниот живот. Кој е сега изговорот на Клековски и на Таравари? Кој ќе понесе одговорност?“, велат од СДСМ.
Се додава дека наместо конкретни решенија и навремена набавка, институциите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да обезбедат навреме лекови, луѓето со месеци чекаат на терапија. Недозволиво е, се додава, во 21 век да нема континуирана достапност на основна терапија за најтешките болни.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
