
Сиљановска-Давкова се сретна со директорката на Агенцијата за туризам: Држава како нашата има реални шанси да биде посакувана дестинација во текот на целата година
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Април 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со Билјана Стефаноска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност.
За неа, мала држава како нашата, со исклучителни природни убавини и вредни културно-историски добра има големи и реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација не само за време на летните месеци, туку во текот на целата година. Се разбира, останува трајната обврска на Министерството за култура и туризам, другите министерства, но и единиците на локалната самоуправа, како и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за создавање неопходни претпоставки, се наведува во соопштението од кабинетот на Претстедателката.
Стефаноска ја информираше претседателката за работата на агенцијата којашто е формирана во 2008 година, со акцент на последните неколку месеци откако е на оваа функција, посочувајќи ги успесите и падовите, актуелните проблеми и предизвици со коишто се соочува.
Таа посочи дека е потребно да се креира стратегија за развој на туризмот, комплементарна со онаа за културата, како гаранција за успех.
Соговорничките се согласија дека поврзувањето на културата и на туризмот во едно министерство е чекор напред во стратешкиот пристап кон нивниот развој, се додава во соопштението.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
