
Палевски тврди дека не ги извршил убиствата и грабнувањата: „Ако сакав пари, ќе уценував милијардери, имав 200.000 телефонски разговори“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Април 2025

Љупчо Палевски, првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, сведочи во Основниот кривичен суд во Скопје тврдејќи дека е невин и киднапиран од судот.
Ако сакав пари, вели Палевски, имам харддиск „Тошиба“, кој го одзедоа со записник, а во кој има над 200 илјади телефонски разговори, гнасотии на оваа политичка елита, но и на новинарската професија, и доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со „ферари“ и други, но, ете, тоа не сум го направил.
Тврди дека немал мотиви за такво злосторство.
За обвинетиот Кешишев вели дека е политички неук, но стабилен човек, патриот, а за Велибор Манев рече дека го знае од партијата и бил амбициозен и алчен за пари. Боре Видевски беше зачленет од страна на Велибор Манев во Десна, скромен и дисциплиниран, вели Палевски, а за Александар Ѓорчевски рече дека првпат името и презимето му ги прочитал во кривичната пријава во ќелијата.
Тврди дека го местат оти почнал да објавува дека во македонски банки се перат пари од продажба на ирански дронови. Рече дека Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари зашто Спасовски дозволил нерезидентен државјанин да отвори сметка во НАТО-банки во Македонија. Износите депонирани во македонските банки, рече Палевски, се доволна причина да ми се изврши морален атентат и да бидам компромитиран.
Тврди и дека сведокот Гоце Трајковски до полицијата праќал скриншотови од инфлуенсерки и новинарки, дека Вања е вонбрачна ќерка на Палевски. Обвинетиот смета дека ваквиот однос на медиумите е поради политиките на партија Десна, која единствена повела иницијатива за референдум за идентитетските прашања на Македонија.
„По една и пол година од настанот, нема наслов во медиумите каде што монструмот го посочува оружјето со кое постои веројатност да е сторено кривичното дело. Таков наслов во нашите релевантни медиуми не постои. Самата политика што ја почнавме со Десна е причина за ваквиот однос на медиумите бидејќи сме единствена партија што повела иницијатива за референдум во однос на бугарската агресивна политика кон Македонија. Примерот со организација на референдум за толку важно прашање мора да биде компромитиран зашто се поставува прашањето зошто власта тоа не го прави“, рече Палевски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
