
Бајру: Франција мора итно да се заштити од економска дестабилизација
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 15 Април 2025

Францускиот премиер Франсоа Бајру изјави денес дека е неопходно итно намалување на буџетскиот дефицит за да се заштити земјата од цунамито на дестабилизацијата, кое вклучува сè поагресивна Русија, како и трговската војна иницирана од американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што објави „Ројтерс“, Бајру на прес-конференција во Париз оцени дека едностраните потези на Трамп, вклучително и воведувањето царини и нарушувањето на односите со сојузниците, сериозно ја разнишаа довербата во меѓународниот поредок.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави почна ураган, чии последици нема да завршат набргу. Како да не беше доволна војната, светот сега е погоден од цунами на дестабилизација“, рече Бајру, пренесува „Танјуг“.
Иако не презентира конкретни мерки, Бајру ја отфрли можноста за зголемување на даноците и најави дека консултациите за буџетот ќе бидат завршени пред националниот празник на 14 јули, со цел да се забрзаат фискалните реформи.
Целта на владата е да го намали буџетскиот дефицит на 5,4 проценти од БДП до крајот на годината, а потоа постепено да го спушти под 3 проценти до 2029 година, во согласност со правилата на Европската Унија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
