
Десет полицајци под истрага за несреќата во Кочани
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 16 Април 2025

Десет полицајци од Штип и Кочани се под истрага за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според Обвинителството, тие се осомничени дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови. МВР соопшти дека шестмина од полицајците се приведени, по еден се трага, а тројца од претходно издржуваат мерка притвор.
„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против десет полициски службеници. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност“, соопшти Обвинителството.
Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка“, соопшти Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи објавија повеќе детали за полициските службеници против кои е поднесена кривична пријава.
Станува збор за П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), Д.А. (во време на извршување на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И. (во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
