
ДУИ: Незаконските притвори за трагедијата во Кочани се срам за правосудниот систем
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 16 Април 2025

Незаконските притвори за трагедијата во Кочани се срам за правосудниот систем и уште еден доказ за селективната правда која станува алатка на политичка пресметка, велат од ДУИ.
„Станува збор за лица кои, според сите стручни и академски мислења, немаат никаква врска со трагедијата, но сепак се држат во притвор – додека вистинските одговорни, заштитени од владејачката структура, остануваат недопирливи. Со право граѓаните реагираат дека доколку на кое било од незаконски притворените лица им се наруши здравјето или животот поради нехумани услови или продолжен и неоснован притвор – одговорноста ќе ја сносат конкретни обвинители, судии и политички наредбодавачи“, велат од партијата.
Од ДУИ велат дека правдата не смее да се претвори во инструмент за прикривање на виновниците, туку мора да служи на вистината и на граѓанинот.
„Оваа пресметка со невини граѓани е јасен обид да се заштитат блиски лица на власта, да се одвлече вниманието од вистинските причини и да се изгради лажен наратив за “одлучна истрага”. ДУИ апелира до Јавното обвинителство и Судството – вратете се на правото и правдата. Држете ги одговорните, а не невините. Секое одложување на вистинската правда е соучесништво. Ќе дојде денот кога правдата ќе побара име и презиме“, велат од ДУИ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
