
(Видео) Апасиев алармира: Под превезот „работно ангажирање” се легализира експлоатацијата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Април 2025

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, на јавната расправа на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, ги посочи потенцијалните закани и сериозните пропусти содржани во Предлог-законот за работно ангажирање на лица, предложен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Законот и покрај сите хвалоспеви има суштински недостатоци кои имаме време како Собрание да ги поправиме. Законот, според мое стручно гледање е антиисториски, затоа што нѐ враќа еден чекор назад и е реакционерен. Е сега, ние измислуваме топла вода, измислуваме „работно ангажирање” или „ангажман”. Значи имате дело-облигација, имате работа или вработување-трудот, трудовоправен однос, и сега ние измислуваме во средината нешто што ни риба ни девојка, односно е работно ангажирање на луѓето” – истакна Апасиев.
„Не се согласувам со колешката дека е наменет за доброто на студентите, затоа што видете го изборот кој ние им го нудиме со овој закон: можат да бидат само келнери, аргати, чистачи и бејбиситери. Аргументот „флексибилност на пазарот на труд” е еуфемизам. Тоа е друго име, покултурно, за кратење работнички права, за нешто што до вчера сте го имале, а од утре ќе го немате. Законот е правен по мерка на пазарот на труд, односно на работодавачите. Каде се работниците? Зошто синдикатот, ако е толку добар Законот, не го поддржува овој Закон?” – праша лидерот на Левица.
„И не се согласувам дека има консензус помеѓу власта и опозицијата. Има договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Левица никогаш не се потпиша како опозициона партија токму поради овие дилеми. Да, постојат скриени работни односи. Но дали е овој начинот за решавање, со лекс специалис, со измислување нешто ново? Зошто не би го решиле правото на сезонска работа или проблематиката на сезонската работа со само една глава во основниот закон за работни односи, каде што и веќе има одредби за сезонска работа? Значи, со тоа што сивата економија ќе ја направиме бела, не е начинот во измислување топла вода во правото, туку во примена на прописите. Од облигација, односот да стане трудово правен и да биде регулиран. Овој закон тоа не го прави” – кажа Апасиев.
„Исто така, имате елементи на противуставност во самиот закон, а тоа е дека не се почитува правото на платен одмор. Трите осмици се придобивка цивилизациска, осум часа да работиш, осум часа да спиеш и осум часа да имаш за културни и забавни активности, хоби и слично. Значи, тука имате враќање на дванаесетчасовно работно време. Тоа е на раб на противуставност. Следно, детски труд – имате малолетници кои ќе ги ангажирате и никаде не е дефинирана нивна заштита. И каков ќе биде спорот кој ќе произлезе од овој однос? Со што ќе го заштитиме односот кој ќе стане спорен? Овдека не е предвидено со каква тужба ќе се штитат работниците при спорови. Дали тоа ќе биде парница обична, каде што важат многу подолги рокови, се чека со години, или ќе биде итна постапка во работен спор. И тоа не е дефинирано” – посочи тој.
„Значи, под превезот на флексибилноста, на сивата економија, на скриените работни односи кои ги решаваме – можеме да отвориме други прашања. Исто така, не се согласувам дека ова нема да доведе до бркање од работа, знаејќи ги лукавштините на нашите газди, еве ви пластичен пример од пракса: имам земјоделски комбинат, ми требаат аргати, ми требаат сезонски работници – зошто јас да ги вработувам сегашните? Ќе ги отпуштам од работа и ќе вработам нови, по овој новиот закон. Наместо неопределено работно време, ќе им плаќам саатнина“ – даде пример Апасиев.
„Идеалот на трудовото право е сите да имаме неопределен работен однос. Ова нѐ враќа еден чекор назад. Ова измислува топла вода во правото, а тоа е работно ангажирање. Не постои такво нешто. Договорот е или трудов или облигационен. Нема средина, а сега ние измислуваме средина. Оттука мислам дека и покрај добрата волја, патот до пеклото е поплочен со добри намери. Законот има многу празнини коишто можат да се злоупотребат во пракса. Ако има добра волја со амандмани, нешто може да се коригира” – упати апел пратеникот.
„Но, не мислам дека само мануелните работи треба да се досредат, бидејќи младите луѓе претежно извршуваат интелектуални работи. Тоа значи IT, фриленсери, диспечерски работи кои не се мануелни. Оттука нивниот проблем повторно нема да биде решен. Така што мислам дека има многу голем простор за подобрување на ова законско решение” – заклучи пратеникот пд Левица, Димитар Апасиев.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
