
Обвинителството бара построга казна за возачот кој ја усмрти Теодора: вложена жалба на пресудата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Април 2025

Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 7.4.2025 година, со која обвинетиот М. П. беше осуден за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена казна затвор во траење од две години, соопшти Обвинителството.
Жалбата, како што е појаснето, е вложена поради висината на кривичната санкција, која, според обвинителот, е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.
Меѓу околностите, поради кои Обвинителството бара построга казна, се особено тешките последици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска доби тешки телесни повреди, од кои потоа почина.
„ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен.
Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниеден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата.
Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока.
Дополнително, и семејството на жртвата, кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до Обвинителството за да побара да ја обжали пресудата“, се истакнува во соопштението.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
