Бизнисменот Асмир Јахоски нуди еден милион евра гаранција да излезе од притвор

Бизнисменот Асмир Јахоски понудил еден милион евра гаранција за да излезе од притвор. Тој е осомничен за перење пари. Обвинителството соопшти дека ќе ја прифати гаранцијата ако на посебна сметка на судот Јахоски депонира дополнителни 72.000.000 денари.

 

„Во мислењето јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60.672.235 денари може да биде основан само ако осомничениот во исто време на посебна сметка на судот дополнително депонира и износ од 72.000.000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага Обвинителството, износот од 72.000.000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист на овој осомничен, од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување“, се наведува во соопштението.

 

Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

 

„Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека Обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги скрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци. Во согласност со даденото мислење, само со определување на сите погоренаведени мерки, Обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.