
Голем број верници се собраа во Рим за да му оддадат почит на папата: „Тој беше посебен, на сите христијани ќе им недостига“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 22 Април 2025

Голем број граѓани на Италија и од други земји се собраа во базиликата „Света Марија Велика“ во Рим, каде што ќе бидат положени посмртните останки на папата Франциско, за да му оддадат почит на починатиот поглавар на Римокатоличката црква.
На тоа место се собраа голем број медиуми од целиот свет, а има и такви на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, каде што ќе се одржи погребот на папата Франциско в сабота, 26 април.
Меѓу собраните е и Евертон Коелјо од Бразил, кој моментно живее во Германија.
„Вчераутро пристигнавме во Рим. Кога вчера шетавме во градот, ја слушнавме многу тажната вест дека папата Франциско починал. Бевме изненадени и многу тажни. Тој беше харизматичен папа. Беше од Аргентина, Јужна Америка. И ние доаѓаме од Јужна Америка, па затоа чувствуваме дека е уште поблизок до нас. Беше приземен, многу близок до луѓето. Не живееше во замок, живееше едноставен живот“, изјави Коелјо за „Танјуг“.
Коелјо понатаму наведува дека ова е најголемата порака што папата Франциско ја остава зад себе.
„На христијаните многу ќе им недостига. Пред да дојдеме се обидовме да присуствуваме на мисата. За жал, минатата недела добивме порака дека папата нема да може да присуствува и дека ја откажале. А сега кога слушнавме дека нè напушта, многу е тажно“, рече Коелјо.
Друг Бразилец, кој денес беше во Рим, за „Танјуг“ вели дека го памети папата Франциско како едноставна личност, но и како некој што го сака фудбалот.
„Се сеќавам дека папата беше навивач на ‘Сан Лоренцо’ во Аргентина. Папата беше одлична личност за мене“, рече соговорникот.
Жителка од Рим за „Танјуг“ вели дека се сеќава на многу од она што го кажал папата Франциско оценувајќи го како неверојатно.
„Мислам дека ќе биде тешко да се најде замена за него“, рече тој.
Погребот на папата Франциско ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“.
Претходно денес, беше објавено дека телото на починатиот папа ќе биде однесено во базиликата „Свети Петар“ в среда во 9 часот наутро.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
