
Филипче: Македонскиот јазик е нашиот глас во светот, нашата татковина дома
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 05 Мај 2025

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка до граѓаните, по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Филипче порача дека македонскиот јазик е коренот на идентитетот и нашиот најсилен меѓународен промотор.
„Македонскиот јазик е нашиот код, коренот на нашиот идентитет. На овој ден им оддаваме должна почит на сите создатели на македонскиот литературен јазик. Денес, македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите нации и во Европската унија. Тоа е резултат на посветена државна политика и јасна визија. Владата на СДСМ, токму денешниот ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, македонскиот јазик е вграден во европското законодавство и поставен рамо до рамо со сите европски јазици“, вели Филипче.
Наша обврска и на сите идни генерации, додава тој, е да го чуваме и негуваме нашиот македонски јазик, не затоа што мораме, туку затоа што знаеме што значи да го имаш својот глас во светот.
„Како што велеше Блаже Конески: ‘Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината’“,порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
