
Љутков: Македонскиот јазик низ историјата помина низ многу предизвици и тешкотии
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 05 Мај 2025

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска се обрати на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, што се одржа под покровителство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во Македонската академија на науките и уметностите.
Во обраќањето, министерот Љутков истакна дека македонскиот јазик низ историјата помина низ многу предизвици и тешкотии.
„Македонскиот јазик низ историјата го помина своето длабоко страдалништво. Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата“, рече Љутков.
Љутков потсети дека во мај 1945 година, македонскиот јазик конечно стана слободен, признат, кодифициран. Добивме јазик, додаде тој, со свое име, со своја граматика, со свој правопис и затоа сме должни да го говориме, да го чуваме, да го негуваме, да го пренесуваме со љубов и знаење. Затоа, додаде тој, во ова време на брзи промени, грижата за македонскиот јазик станува чин на современ патриотизам.
„И таа грижа не е декларативна. Таа е институционална, одговорна и долгорочна“, рече министерот.
„Со јасна заложба на македонската Влада и Министерството за култура и туризам, востановуваме Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик – институција создадена да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет“, рече Љутков.
Министерот истакна дека во овие осум децении, македонскиот јазик стана медиум на литературата, науката, театарот, филмот, музиката, образованието каде што секоја нова генерација внесува нов ритам, ново дишење, нова слика. „Затоа треба да му пристапуваме на македонскиот јазик со љубов, со знаење, со грижа. Да го говориме правилно, да го пишуваме точно, да го учиме со радост и да го живееме со достоинство“, истакна Љутков.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
