
Истрага против турски државјанин за обид за убиство во Скопје: со метален капак од шахта повеќе пати го удирал оштетениот во глава
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Мај 2025

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
На улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја.
Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
