Македонија официјално го призна ММА спортот – Скопје ќе биде домаќин на најголемиот борачки настан досега

Министерството за спорт донесе одлука Мешаните боречки вештини да бидат официјално признаени како легитимен спорт во Македонија. Со оваа одлука, Македонија станува четвртата земја во Европа што го признава ММА како официјален спорт, потврдувајќи го растечкиот успех и влијание на овој спорт на нашата територија.

 

Ова признание е резултат на долгорочна посветеност, страст и исклучителни успеси на македонските борци на домашната и меѓународната сцена. Особено ги истакнуваме постигнувањата на клубот “Д Стронгест”, Даниела Алексовска, Ивица Алексовски и Стефан Пецевски. Во последниве две години, тие донесоа чест и респект за нашата земја на меѓународната ММА сцена како и безброј победи, двајца европски прваци и бронзен медал на Светското ММА првенство, велат од Федерација на Р.С. Македонија за ММА.

 

Со официјалното признавање е формирана Македонската ММА Федерација, на чие чело е Ивица Алексовски, со преку 30 години искуство во развојот и промоцијата на боречката сцена.

 

Во духот на ова ново поглавје, се најави и најголемиот ММА спектакл досега во Македонија. Настанот ќе се одржи на 6-ти септември, организиран од страна на Македонската ММА Федерација и промотерската организација ARMMADA, градот Скопје ќе биде домаќин на врвни борци од Македонија и целиот свет.

 

На настанот ќе бидат поканети некои од најголемите ММА имиња денес, како што се Александар Волкановски, Александар Ракиќ и Педи Пимблетт.

 

Најавени беа и неколку македонски ММА борци кои ќе влезат во октагонот, меѓу кои се Горјан Славески, Даниела Алексовска, Марко Трајановски и Дино Старчевич.

 

Настанот ќе биде пренесуван во живо на каналот „Арена Фајт“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.