
Новоименуваниот амбасадор на Австралија на средба со претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Мај 2025

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и Претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, вчера оствари средба со новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Комонвелтот Австралија, со седиште во Белград, Питер Џорџ Трасвел. Средбата се реализираше по предавањето на акредитивните писма на амбасадорот на Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и неговата средба со државниот врв.
Разговорот, кој се одвиваше во конструктивен дух, претставуваше можност за размена на информации и воспоставување на понатамошна соработка. Градоначалникот Ѓорѓиевски ја претстави Општина Кисела Вода како една од најбрзо развивачките урбани средини во државата, при што го запозна амбасадорот Трасвел со развојните политики, инфраструктурните инвестиции и плановите за економски раст, со посебен акцент на индустриските зони и поволностите што општината ги нуди за привлекување странски инвестиции, извести општина Кисела Вода.
Амбасадорот Трасвел пројави особен интерес за економските потенцијали на општината, при што се разговараше за можностите за зголемување на соработката, особено имајќи ја предвид бројната македонска дијаспора во Австралија, која, како што беше истакнато, претставува значаен мост за идни партнерства и инвестиции.
Во разговорот беше отворена и темата за природниот прираст и демографските предизвици, при што градоначалникот Ѓорѓиевски ги презентираше активните мерки на Општина Кисела Вода насочени кон спречување на миграцијата и задржување на младите. Посебно беа истакнати покачувањето на вредноста на ваучерот за новороденче, кој сега изнесува 12.000 денари, како и мерката за ослободување од комунална такса за изградба на индивидуални куќи за млади лица. Овие мерки, како што нагласи Ѓорѓиевски, претставуваат важен дел од стратегијата за демографска обнова.
Амбасадорот Трасвел пројави особен интерес и за процесот на дигитализација, преку кој Општина Кисела Вода се позиционираше како лидер во регионот. Ѓорѓиевски истакна дека дигитализацијата придонесува за зголемена транспарентност, ефикасност на административните процеси и значително намалување на можностите за корупција. Во таа насока, беше посочено дека се работи на воведување нови дигитални услуги, со цел понатамошно олеснување на секојдневието на граѓаните и подобрување на деловната клима.
Двајцата соговорници изразија подготвеност за идни комуникации и соработка, со цел унапредување на односите меѓу локалната самоуправа и австралиските институции, со фокус на економски развој, дигитална трансформација и поддршка за младите, соопшти општина Кисела Вода.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
