
(Видео) Калевска-Ванчева: Реформските закони за правосудството ги нема, Филков да не ги опструира работните групи
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Мај 2025

После речиси една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Македонија е далеку од правна држава. Ниту има правда, ниту правна држава. Партизирани институции, селективна правда, отсуство на владеење на правото. Ова, почитувани е вистинското лице на Владата на ВМРО ДПМНЕ, која создава систем само по нивна мерка и нема однос спрема реалните општествени потреби, истакна Снежана Калевска-Ванчева, претседателка на Комисијата за правда на СДСМ.
Владата на ДПМНЕ, појасни таа, за речиси една година не исполни апсолутно ништо од ветувањата за системски решенија. Не исполни ништо, како што додаде, за нивната таканаречена трансформација на правосудните органи во независни, транспарентни и ефикасни субјекти.
Власта, оценува Калевска-Ванчева и понатаму се обидува да има главна улога и влијание во правосудството и да го држи во партиски стеги.
„За тоа сведочи фактот дека упорно и свесно се доцни со спроведувањето на активностите од реформската агенда и секторската развојна стратегија за правосудство (2024-2027), каде што се предвидени јасни чекори, прецизни рокови и конкретни пари од ЕУ преку Планот за раст.
Особен проблем е однесувањето на министерот за правда, Игор Филков, кој се чини дека тенденциозно го минира процесот.
Од предвидените реформски закони, Министерството за правда, стави само 4 на ЕНЕР, а тие допрва треба да ги усвои Владата, па да достават и до Собранието.
Зошто министерот Филков толку го одолговлекува реформскиот процес, иако рокот е до јуни“, праша таа.
Додаде дека и покрај свесното пролонгирање на реформскиот процес, и покрај фактот дека не ги проследува наводно изготвените законски решенија, тие остануваат максимално конструктивни.
„И затоа денеска ги поднесовме и архивиравме нашите коментари на единствените закони кои тој ги ставил на ЕНЕР. Ние за нив имаме сериозни забелешки но и конкретни предлози за нивно подобрување.
Апелираме до министерот Филков, ако вистински се грижи за реформската агенда и тврди дека работи на ургентните законски решенија, да престане да го минира процесот и да ги достави решенијата, за кои, ја убедува јавноста дека ги изготвил.
Остануваме целосно посветени на напредокот на државата. Ќе продолжиме да се бориме против сите обиди за партиски упад во правосудството и конечно, ќе ги нудиме нашите конструктивни предлози и решенија“, кажа Калевска-Ванчева.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
