
Клиниката за урологија во Скопје почна со изведување операции за вградување вештачки уринарен сфинктер
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Мај 2025

Универзитетската клиника за урологија во Скопје почна со изведување операции за вградување вештачки уринарен сфинктер, нова процедура, која досега се спроведуваше само во странските и во приватните медицински центри.
Интервенциите бea изведени од вишиот научен соработник д-р Огнен Ивановски. Првите две интервенции се изведоа под менторство на професор д-р Сергеј Владиславович Котов од Клиниката за урологија „Пирогов“ во Москва, Русија. Досега се изведени вкупно 10 вакви интервенции, што ја вбројува Универзитетската клиника за урологија помеѓу ретките центри, кои се лиценцирани за изведување на овој тип нови процедури.
Изминатата година, во однос на земјите од регионот, во Македонија се вградени најголем број уринарни сфинктери на пациенти кај кои е неопходна ваква интервенција. Операцијата на вградување сфинктер е целосно покриена од Фондот за здравствено осигурување на РС Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство.
Неконтролираното истекување урина од мочниот меур (уринарна инконтиненција) најчесто се јавува по оперативно вадење на простатата поради карцином. Неволното истекување на урината најчесто се јавува при стоење или одење, а се интензивира при активности, како кревање товар, смеење, кашлање или кивање. Оваа состојба во голема мера го нарушува квалитетот на животот на пациентот и претставува сериозен социјален и хигиенски проблем.
„Повеќе од 10 месеци сме посветени на оваа нова процедура. Се гордееме што можеме да понудиме решение на проблем за кои претходно пациентите беа принудени да патуваат во странство. Вградувањето на вештачкиот уринарен сфинктер е златен стандард за решавање на уринарната инконтиненција, особено кај пациенти по операција на простатата. Оваа интервенција значително ја подобрува контролата на урината кај пациентите за кои ова е комплетно решение“, вели д-р Ивановски, виш научен соработник на Универзитетската клиника за урологија во Скопје.
По стекнувањето соодветна експертиза во странски центри, како што е работа на 3Д-испечатени модели на мала карлица во Турција, курсеви на кадавер, како и клинички стаж во Левен, Белгија, д-р Ивановски првпат самостојно изведе операции за вградување вештачки уринарен сфинктер кај 10 македонски пациенти.
„Со воведувањето на оваа процедура Универзитетската клиника за урологија не само што ја проширува понудата на здравствени услуги во јавниот сектор туку и го подобрува животот на пациентите, кои досега немале можност за третман на уринарната инконтиненција во рамките на земјата“, изјави директорот на Универзитетската клиника за урологија, д-р Башким Шабани.
Карциномот на простатата е најчесто дијагностицирана малигна болест кај мажите над 50-годишна возраст. Се проценува дека 1,4 милион мажи годишно го добиваат овој карцином, а 375.000 од нив умираат како директна последица од болеста.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
