
АД ЕСМ: СДСМ и ДУИ ја наполнија компанијата со партиски кадри, незаконските вработувања се минато
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 09 Јуни 2025

„Актуелното раководство на АД ЕСМ, назначено на крајот на август минатата година, веднаш по назначувањето затекна сериозни предизвици во компанијата. Покрај катастрофалната финансиска и техничко-технолошка состојба во капацитетите за производство на електрична енергија, еден од најголемите проблеми беше справувањето со стотици несоодветни кадри вработени преку незаконски конкурси“, велат од АД ЕСМ.
„Само преку последниот конкурс, во пресрет на минатите парламентарни избори на 31 декември 2023 година, биле реализирани точно 699 вработувања. Станува збор за партиски и несоодветни кадри од кои повеќето, до август минатата година односно пред доаѓањето на новиот менаџерски тим – воопшто не се ни појавувале на работните места, иако редовно земале плата и им биле плаќани придонеси. Овие вработувања биле реализирани преку груба злоупотреба на систематизациите во сите подружници на АД ЕСМ, што укажува на системско непочитување на процедурите и можна злоупотреба на службената положба во претходниот период.
За да се обезбеди навремено и соодветно спроведување на работните процеси, АД ЕСМ мора да ги пополни некои од испразнетите места преку привремени вработувања на стручни кадри. Паралелно со ова, во тек се процедури за усогласување и усвојување на новите систематизации, со цел целосна оптимизација на човечките ресурси. Ова вклучува ревизија на постоечките работни места, утврдување на реалните потреби на компанијата и воспоставување транспарентни и законски процедури за вработување. До моментот на усвојување на нови систематизации по сите деловни единици на Компанијата – секое привремено вработување, ќе биде спроведено исклучиво во согласност со позитивните законски прописи.
Новото раководство е посветено на воспоставување систем заснован на професионализам, одговорност и транспарентност. Се очекува дека овие мерки ќе придонесат за стабилизирање на компанијата, подобрување на нејзината ефикасност и воспоставување здрава работна атмосфера, ослободена од политички влијанија и несоодветни вработувања.
Апелираме до политичките партии да не го злоупотребуваат АД ЕСМ за собирање дневнополитички поени, особено затоа што токму коалицијата на СДСМ и ДУИ креираше стотици партиски и нестручни вработувања чие ангажирање влијаеше на влошување на состојбите во Компанијата“, се наведува во соопштението на АД ЕСМ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
