Експерти: Нова демократија ќе го почитува Договорот од Преспа

Нова демократија како влада нема да го оспори и ќе го почитува Договорот од Преспа, е ставот на експерти од Грција и Северна Македонија, во пресрет на денешните предвремени избори и сѐ поголемата веројатност кај јужниот сосед да има промена на власта.

 

Сепак тие потенцираат дека особено е важно и ќе одигра улога резултатот од изборите односно тоа дали Нова демократија ќе формира еднопартиска влада или ќе треба да бара коалиционен партнер.

 

Дописничката на МИА од Атина поразговара со професорот од Универзитетот Македонија во Солун и виш научен соработник во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас, новинарката од радиото „Атина98.4“ и „Макрополис.гр“ и директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска, како за европската перспектива на Северна Македонија, така и за политиката што веројатно би ја следела Нова демократија.

 

Професорот Армаколас изразува надеж дека нема да има промени во политиката и вели дека не е песимист, но за да биде оптимист ќе треба прво да ги види резултатите од изборите и како ќе функционира новата влада.

 

-Со Северна Македонија се надевам нема да има промени. Сметам дека поумерените сили од Нова демократија бараат можност, во суштина, да ја продолжат претходната политика. Но, сѐ ќе зависи од резултатите на изборите, ќе зависи од тоа кој ќе биде министер за надворешни работи, кои ќе бидат надлежни за прашањата во надворешната политика, вели професорот Армаколас.

 

Со сличен став е и директорката на Институтот за европска политика, која за МИА објаснува дека многу работи ќе зависат од тоа дали Грција ќе добие еднопартиска или коалициска влада.

 

-Прашањето кое веројатно сите го имаме на ум е колкав ќе биде процентот што сама ќе го добие Нова демократија или ќе ѝ биде потребно да направи коалиција, бидејќи и видот на коалицијата и коалицискиот партнер може да ја утврдат, односно да ја зајакнат или да ја омекнат позицијата и во однос на проширувањето на ЕУ и во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа и во однос на нашата земја. Од дискусиите овде не се очекува дека Нова демократија директно, доколку има доволно простор, дека ќе го спори договорот, вели Кацарска.

 

Новинарката Вудури од радиото на општина Атина се повикува на досегашните јавно изразени ставови на Кирјакос Мицотакис во однос на Договорот од Преспа и ги објаснува аргументите на лидерот на Нова демократија.

 

-Бидејќи многумина се прашуваат што Мицотакис како премиер ќе прави со Договорот од Преспа, мислам дека многу пати јавно има кажано дека ќе го почитуваат договорот. Тие не се согласуваат со договорот, но ќе го почитуваат со аргументот дека не може да се замисли Грција да си пука во нозе. Што мислат со тоа? Дека со тоа ќе ѝ дадат за право на Турција да оспорува меѓународни договори како што е Лозанскиот договор. Ова е аргументот што го користат од Нова демократија за да кажат дека нема шанси да го чепнеме договорот. Постојат во овој момент дури и членови кои беа против договорот, кои пишуваа колумни во многу весници против договорот и за време на преговорите и веднаш потоа, кои сега велат дека не постои начин да побараме дури и промени на договорот, објаснува новинарката Вудури.

 

Професорот Јоанис Армаколас, новинарката Александра Вудури и директорката на Институтот Симонида Кацарска, дискутираа за Западен Балкан и за европската перспектива на земјите од регионот, особено по Договорот од Преспа на конференција во Атина посветена на овие теми, што беше во организација на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, Институтот за европска политика Отворено општество и експертската група BiEPAG од европскиот фонд за Балканот.

 

-Особено важен е тајмингот на конференцијата и кога ја планиравме конференцијата знаевме дека на еден или на друг начин ќе биде критичен период по одлуките во јуни и бевме загрижени дека нема да има позитивна одлука за Северна Македонија и за Албанија и навистина ова се потврди и конференцијата има за цел да дискутира за овие прашања и особено да даде нов поттик, нова нота на оптимизам за прашањата за проширувањето на Западен Балкан и особено да истакне колку е важна оваа политика да продолжи да постои и перспективата за интеграција на овие земја да продолжи да биде жива, вели професорот Армаколас кој воедно е и виш научен соработник во „ЕЛИАМЕП“, фондацијата за надворешна политика што беше и еден организаторите.

 

Кацарска посочува дека значењето на овие формат дискусии е пред се да го отвори прашањето на проширувањето меѓу поголем круг на чинители.

 

-Несомнено е дека ние преку Договорот од Преспа во изминатата година креиравме сојузник во постоечката грчка влада, меѓутоа целта на овие дискусии е всушност да изгради поголем сојуз помеѓу чинителите кои што го поддржуваат прошируваањето , а со тоа и нашата земја за да може кога ќе се носат важни улоги на европско ниво да имаат доволно информации во однос на тоа како ќе постапат, вели Кацарска за МИА и додава дека за нас е важно да се изградат што е можно повеќе сојузници, а ваквите конференции исто така „градат мостови“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.