
Се тестира лице дојдено од Германија, кај торјца од заразените состојбата е отежната
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 12 Март 2020

Од вкупно деветмина пациенти кои во земјава се заразени со коронавирус, шест се во стабилна состојба, a кај тројца состојбата е отежната бидејќи станува збор за возрасни лица над 65 години, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој објави дека утрово е јавен еден пациент дојден од Германија кој се тестира.
„Пациентот кој на 7 март е дојден од Германија, утрово качил висока температура“, појасни Филипче кој исто така информираше дека вчера е назначена нова директорка на Клиниката за дерматовенерологија.
Министерот исто така посочи дека очекувано е да се прогласи пандемија на светско ниво, но нема генерални препораки за секоја земја. Сепак, министерството во консултација со СЗО ги дава мерките за домашното население.
„Утрово на редовниот состанок се разгледани низа мерки на Владата, имавме разговори со колеги од Италија, кои ни укажаа дека после воведувањето на ригорозните мерки заразата не се шири, ова ни укажува дека треба да бидеме порадикални и на денешната седница ќе разгледаме мерките“, кажа министерот кој соопшти и за новата забрана кафетериите и рестораните да работат до 18 часот.
Исто така се воведува забрана за сите јавни и приватни собири без разлика на бројката на учесници, а се затвораат и сите киносали, театри, обложувачници и казина.
Филипче посочи дека клиниките ќе работат само за итни случаи, а редовните терапии за хронично болните ќе можат да се земаат на матичен доктор.
„Верските заедници ќе мора строго да се придржуваат до мерките и да нема собири“, нагласи министерот.
Додаде дека имало и информација според која поради заразените се створила паника во Дебар, но проверивле и тоа се покажало како неточно. Сепак, засилен е бројот на епидемиолозите на терен.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
