
Четири нови случаи на коронавирус во Дебар, една од заразените е во влошена состојба
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 13 Март 2020

За четири нови случаи на заразени од коронавирусот во Дебар соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека заболените пациенти се со лесна клиничка слика и дека ќе бидат хоспитализирани.
„Денеска дојдоа за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје-Дебар од уште 10 лица кои се во врска со втората група на хоспитализирани пациенти. Тоа се вкупно 24 лица, сите во домашна изолација. Тие 10 лица, покажале знаци за горно респираторно заболување. Четири се позитивни. Тоа значи дека имаме уште четири нови пацинети кои ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести. Сите се со лесна клиничка слика“, рече Филипче.
Министерот кажа дека денеска на владина седница се очекува да биде прогласена кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, по што во текот на денот ќе се соопшти што конкретно ќе биде преземено.
Дополнително влошување има кај една пацинетка, информираше Филипче, за која кажа дека се работи за првата жена која беше заразена во Дебар и таа е можно да биде ставена на машини за вештачко дишење.
„Пациентите се стабилни, освен првата пациентка од Дебар, патничката која беше примена со нејзиниот сопруг. Таа има дополнително влошена состојба и е на граница да биде поставена на апарат за механичка вентилација. Специјалистите се надеваат дека со дополнителна терапија ќе го преброди овој период, но спремни се да има и дополнителни мерки како сетурација на кислород, односно да биде поставена на машина за дишење“, додаде Филипче.
Изолиран е и државјанин на Македонија кој дошол од Германија, поради тоа што има покачена температура.
„Еден патник е стигнат на скопскиот аеродром. Наш државјанин од Германија. Сoмнителен е бидејќи има лесно покачена температура. Тој е изолиран и му е земен материјал за тестирање. Изолирани се луѓето кои седеле околу него. По пристигнување на резултатите, ќе информираме за неговата состојба и начинот на лекување, како и за другите патници“, додаде министерот.
Со четворицата новозаразени бројката на инфицирани лица во земјава се искачи на 13. Но министерот соопшти и дека првата пациентка, која во земјава допатува во Италија е веќе излекувана и треба да добие отпусна листа во текот на овој или утрешниот ден.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
