Филипче соопшти детали за случајот во Куманово - пациентката тврдела дека не била во странство

Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција изнесе детали во однос на 57-годишната пациентка од Куманово која е првата жртва на коронавирусот.

Податоците што тој ги добил од болницата во Куманово и од Институтот за јавно здравје се дека првпат пациентката дошла на преглед на 16 март, со покачена температура. Веднаш ѝ биле поставени епидемиолошките прашања, а таа одговорила дека не патувала во странство и немала контакт со лица кои патувале.

Утредента, на 17 март, таа дошла со синот во болницата, а и двајцата имале покачена температура. Повторно, според Филипче, таа негирала дека патувала во странство и дека имала каков било контакт со лица од странство.

На 17 и 18 март мајката и синот примале терапија, а на 19 март таа била примена во болницата со нешто потежок наод.

„Направени се снимки, констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во Одделот за изолација. Тогаш и се земаат брисеви, на 19 март. Двата тестови биле негативни. Утредента, кај пациентката е земен уште еден брис, како што налагаат препораките на СЗО, кога постојат симптоми на коронавирусот. И тој тест бил негативен. Веќе на 21 март состојбата ѝ се влошува, направени се обиди за реанимација, но пациентката починува“, рече Филипче и изрази сочувство до фамилијата.

Посмртно, вели тој, повторно се земени материјали и тестот за коронавирус бил позитивен.

„Претходно земените материјали повторни се преиспитани и утврдено е повторно дека се негативни. Консултиравме експерти, консултиравме литература, но тестовите не се секаде и секогаш 100 процентно сензитивни и тоа е докажано“, рече Филипче.

На новинарско прашање колку заболени од коронавирусот се очекуваат во наредниов период во земјава, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека постојат одредени претпоставки и дека пикот на болеста се очекува за еден месец од денеска.

„Тешко е дека се каже, имаме некои претпоставки, но имаме и нови мерки. Верувам дека ќе успееме да го намалиме бројот на пациенти. Сметам дека пикот на болеста во наши услови, со сегашните мерки и сегашните епидемиолошки податоци може да биде од еден месец за денеска“, рече Филипче.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.