Ѓоргиев за ДВ: Историските прашања да не се користат како политичка алатка

Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка, изјави македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања за Дојче Веле. 

Тој смета дека историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите.

„Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“, вели Ѓоргиев.

Рече дека за него најболно било сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станале големи. Затоа, вели Ѓоргиев,  кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме.

„Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение“, потенцира Ѓоргиев.

Тој смета дека дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме, и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите. Според него, ако се прекине дијалогот, нема да мрднат ни односите меѓу двете земји.

Ѓоргиев истакнува дека не е основно прашање, ниту работа на Комисијата да го утврдува идентитетот на Гоце Делчев. Вели дека тој е важна личност во историите на двете држави.

„За Македонците е македонски национален херој, за Бугарите е бугарски национален херој. Се слави и овде и таму. Ако тие перцепции се почитуваат, ако Делчев е значајна личност за двете држави, ако тоа е пат за помирување и пат кон европската перспектива, нема пречки двете држави да го слават заеднички“, вели Ѓоргиев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.