Мицевски: Поднесените 3.000 амандмани се само крик на опозицијата

„3.000 амандмани поднесени од страна на опозициските партии се само крик на опозицијата во однос на она што власта сака да го демонстрира во Собранието, а тоа е непочитување на опозицијата, неразговарање, избегнувањето на дијалог со сите политички партии, изјави Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот блок вчера ги поднесе амандманите со што пропадна обидот да почне расправата за измена на собранискиот Деловник со кој треба да се отвори можноста за онлајн работа и дискусии на пратениците коишто се заразени или се во изолација поради Ковид-19, коишто ги предложи собранскиот спикер Талат Џафери.

„Јас очекував да седнеме и да поразговараме за оваа онлајн идеја којашто ја турка владејачкото мнозинство имајќи предвид дека Собранието е функционално. Ние во парламентот имаме минимум 115 пратеници кои се секогаш присутни на седница, коишто може да разговараат и дискутираат за сè. Единствената причина поради којашто се бара ова онлајн Собрание е малиот број пратеници од владејачкото мнозинство. 62 пратеници е далеку од функционално мнозинство коешто би можело да работи без да се усогласува по однос на законите и она што доаѓа како материјал во Собранието со опозицијата. Да не заборавиме дека 58 пратеници од опозицијата претставуваат повеќе од пола милион граѓани на оваа држава и тие пола милион граѓани коишто го дале гласот за опозицијата очекуваат нешто од таа опозиција и се на ставовите заедно со опозициските партии.

За жал, немаше слух од страна на владејачкото мнозинство, се поднесе овој предлог-деловник без консензус. Инаку, знаете дека Жан Моне процесот е процес во којшто консензуално се договараат одредени измени по основ на Деловникот и ние постигнавме некој напредок и се надевам дека на следниот Жан Моне и оние мали несогласувања ќе ги усогласиме за да можеме да имаме еден деловник што ќе одговара и на власта и на опозицијата“, изјави Мицевски.

„Ние уште на самиот старт кажавме дека формирање Влада со поддршка од 62 пратеници не е некоја добра одлука, меѓутоа така решија да работат и ние сме тука за да ги освестиме и да ги разбудиме од сето она што го прават во изминатиот период. Морам да потсетам дека секое она законско решение поврзано со одредени бенефиции на граѓаните, помагање на економијата, помагање на стопанството, на здравствената криза, од страна на ВМРО-ДПМНЕ не беа закочени во изминатиов период, напротив даваме целосна поддршка и со наши амандмани пробуваме да ги подобриме тие законски решенија. Меѓутоа, сè она што не е поврзано со кризата, сè она за што нема консултации и дијалог, од страна на опозицијата ќе биде оспорувано. Имавме примери во минатото дека и двотретински реформски закони коишто беа важни за државата, беа поддржани од ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, исто ќе биде и во наредниот период, меѓутоа само за закони коишто се поврзани со оваа криза и за подобрување на состојбата, како економската така и здравствената на граѓаните во Република Македонија“, додаде тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.