Маричиќ: Подготовката на новиот Закон за медијација е во завршна фаза

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој учествуваше на конференција на тема „Придобивките од медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови“ во своето обраќање најави дека подготовката на новиот Закон за медијација е во завршна фаза.

„За таа цел се формираше работна група за изработка на законско решение со кое треба да се надминат досега констатираните проблеми на кои укажа праксата при постапките за медијација. Работната група, при изработка на Законот, продолжи со следење на европските искуства, и тоа како на Советот на Европа така и на Европската Унија“, рече министерот.

Маричиќ презентираше и дел од новитетите кои се предвидуваат со новото законско решение.

„Во Законот се воведува новина во однос на начинот на полагање на испитот за медијатор пред комисија што ќе влијае на создавање на квалитетен, стручен и обучен кадар кој успешно ќе ги извршува работите од областа на медијацијата. Внесот на сите примени барања за медијација во Електронскиот регистар станува задолжителен, како и податоци за натамошниот тек на постапката, а податоците се покажаа исклучително статистички корисни, од кои може да се генерираат параметрите на применливоста и успешноста на медијацијата во пракса и ќе се овозможи врз основа на запишаните предмети во Регистарот, медијаторот да го оствари правото на субвенционирање на постапките за медијација“, потенцираше Маричиќ.

Според министерот, медијацијата како начин за решавање на споровите говори и за културата во општеството, во смисла дека разликите може да се надминат преку дијалог, разбирање и избегнување на стресот и трошоците кои може да настанат од одржувањето на судските рочишта.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.