Досега попишани над 1,7 милиони граѓани, рокот истекува утревечер

Според Државниот завод за статистика до синоќа до 20 часот се попишани 1.768.710 граѓани, 548.694 домаќинства и 795.494 станови. Во однос на дијаспората до изутрината се самопопишале 201.247 наши иселеници, информира портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

„Апелираме до сите оние граѓани кои од кои било причини досега не успеале да остварат контакт со попишувачите, но и до оние граѓани кои во овие два дена нема да бидат дома, да ја остварат својата законска обврска во пунктовите за попишување во своите општини. Пописот е операција од витално значење за државата, за да може да се прават стратегии за развој. Оттаму, учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина“, рече тој.

На новинарско прашање за тоа дали ќе биде потребно дополнително време за пописот, Арсовски посочи дека на вчерашната владина седница не се разговарало за ова и дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утревечер.

„Секако последниот збор ќе има Државниот завод за статистика. Она што се информациите оттаму е дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови, во Скопје каде што има најголема концентрација на население сите расположливи капацитети на попишувачи се на терен и ги посетуваат домаќинствата кои досега не биле посетени. Ова активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е до утре, четврток до 20:00 часот“, посочи Арсовски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.