Претседателот Пендаровски го пречека германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации. Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија, партнерството во НАТО Алијансата и војната во Украина, текот на пристапните преговори и европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за јакнење на економската соработка и ублажување на последиците од енергетската криза.

Претседателот Пендаровски истакна дека посетата од страна на германскиот претседател во услови на променета геополитика, безбедносни закани и енергетски предизвици на европскиот континент, e потврда на нашето пријателство и цврстата подготвеност на Германија за поддршка на нашиот регион. Тој посочи дека Северна Македонија високо ја цени посветеноста на Германија во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, развојот и реформската агенда, и особено нејзината конструктивна улога во Берлинскиот процес.

По завршувањето на пленарниот состанок на делегациите, предвидено е претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер да одржат заедничка прес-конференција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.