Државна вечера во чест на Штајнмаер, Пендаровски наздрави за заедничка европска иднина
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Ноември 2022
Дозволете ми со оваа крената чаша да ве повикам да наздравиме во чест на македонско-германското пријателство, соработката и заедничката европска иднина, порача во здравица претседателот Стево Пендаровски за време на државната вечера по повод посетата на претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер.
Шефот на македонската држава потсети дека неговата прва билатерална посета по стапувањето на должноста во 2019 година била токму Германија, а од тогашната прва средба со Штајнмаер во Берлин во изминатите три и пол години во континуитет е остварена интензивна комуникација која прераснала и во лично пријателство.
Пендаровски нагласи и дека живееме во турбулентно време во Европа и во светот. Нападот на Украина од страна на Руската Федерација не само што е флагрантно прекршување на меѓународното право, туку е и напад врз основните вредности на Европа што ги воспоставивме по завршувањето на Втората светска војна. Таквата политика нема никакво оправдување, а агресијата не смее да се релативизира ниту да се наоѓаат изговори за неа, рече Пендаровски на свечената вечера.
Тој му заблагодари на Штајнмаер за силната и конзистентна поддршка на патот на Македонија кон ЕУ.
„Вие и германската држава сте едни од најсилните промотори и застапници за европската интеграција на Северна Македонија и на нашиот регион. Од суштинско значење за нас во овој сензитивен период е успешно завршување на првата скрининг фаза од процесот на преговори за да почнеме со следната фаза на конкретни преговори во рамките на кластерите и поглавјата. На тој пат, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка и поддршката на Германија во различните области од реформите што следат. Сакам да Ве уверам дека од наша страна посветено ќе ги исполнуваме преземените обврски и ќе бидеме доверлив партнер во овој процес“, рече Пендаровски.
Додаде дека Германија е нашиот најголем економски партнер и еден од најзначајните инвеститори во нашата држава. Нашата економска соработка не се состои само во трговска размена туку и во пренесување на германската технологија и знаење што е од непроценлива важност за социоекономскиот развој на Северна Македонија, заклучи претседателот.
На вечерата присуствуваа претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис-секторот коишто остваруваат економска соработка со германската држава. Воедно, поканети беа и претставници од граѓанското општество и поединци коишто имаат придонес во градење на македонско-германските образовни и културни врски во изминативе години.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс