All for Joomla All for Webmasters

27 нови инвеститори ќе имаат можност да купат парцели во Ќојлија

Продолжува изградбата на објекти во Мултифункционалната зона Ќојлија, во Општина Петровец со што општината може да се пофали дека се смета за една од водечките општини по влез на домашни и странски инвеститори и дека се продадени сите 77 парцели во оваа зона.

 

Во зоната е поставен камен-темелник на нова инвестиција, Змај Комерц, а според зборовите на градоначалникот само оваа година започната е изградба на 8 инвестиции, а за следната година се очекува да започне изградбата на 20 нови објекти. Инвестициите кои треба да никнат во мултифункционалната зона Ќојлија дополнително ќе придонесат за Општина Петровец и за Република Македонија.

 

Со изградбата на нови индустриски капацитети ќе се придонесе и за намалување на невработеноста, со што полека доаѓа период, како што рече градоначалникот, кога жителите на Петровец и околните места може да бираат каде ќе работат.

 

Поради големиот интерес за инвестирање во оваа зона општината реши да ја прошири зоната за нови 30 хектари, со што ќе се овозможи влез за уште 27 инвеститори. Градоначалникот Митевски рече дека планот е готов и предаден во Министерството за транспорт и врски, од каде се чека одобрување, а штом се одобри планот веднаш ќе започне продажбата на новите 27 парцели во Ќојлија.


Индустриската зона се прогега на површина од 195 хектари, а со проширувањето ќе биде на површина од 230 хектари. Лоцирана е на влезот на аеродромот во Скопје во непосредна близина на автопатот Е-75 и на железничката пруга.


Инвестирањето во оваа зона и нејзината изградба за општина Петровец значи можност за економски развој , отворање нови индустриски и други капацитети , како и можност за намалување на невработеноста, а од друга страна тоа значи и зголемување на Буџетот на општината.


Во делот на инфраструктурата на индустриската зона Ќојлија, Општина Петровец ги тампонираше сите улици во зоната, околу 90% е поставена водоводна мрежа како и на 20% од зоната е поставена канализациона мрежа. Како што најави градоначалникот Митевски оваа година општината ќе постави канализациона мрежа таму каде што ќе се градат новите објекти.


Во зоната Ќојлија доминираат домашните инвеститори, но се присутни и странските инвеститори од Турција, Словенија, Италија, Албанија, Белгија, Австрија...

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.