Бил Гејтс ќе донира 99 отсто од неговото богатство

 

Бил Гејтс објави дека ќе донира 99% од преостанатото богатство на Фондацијата Гејтс, која ќе ги потроши сите пари во рок од 20 години. Средствата ќе бидат постепено исплатени, а фондацијата ќе потроши дополнителни 200 милијарди долари до моментот на затворање во 2045 година.

 

„Некои средства сè уште одат кај децата, а дел останува кај мене, за да не ми недостасува ништо за лични потреби“, рече Гејтс. „Дури и моите инвестиции поврзани со климатските промени, целиот профит што доаѓа од таа работа, одат во Фондацијата Гејтс“, додаде тој.

 

Во интервју за Асошиејтед Прес, Гејтс зборуваше за досегашната работа на фондацијата и идните цели. „Се надевам дека другите ќе ме надминат. Дури и денес, веројатно има барем дванаесет луѓе побогати од мене, бидејќи не ги бројам парите што веќе се во фондацијата.“

 

„Мислам дека 20 години е фер мерка за да постигнеме напредок и давањето доволно време на луѓето да знаат дека тие пари повеќе нема да бидат таму. Ќе бидат потрошени. Се надевам дека дотогаш многу од овие болести ќе бидат искоренети, така што луѓето во иднина ќе се прашуваат што беше маларија или што беше детска парализа.“

 

„Некои фондации постојат веќе 50 или 60 години, и којзнае колку нивната работа денес има врска со намерите на лицето кое ги основало? Исто така мислам дека во иднина ќе има уште повеќе богати луѓе отколку што има денес. Значи, да, ќе има празнина за 20 години, но однапред им кажуваме на луѓето како ќе изгледа тоа“, рече тој за затворањето на фондацијата порано од првично планираното.

 

„Големата надеж беше дека тоа ќе стане општествено очекување дека секој што има многу пари ќе донира поголем дел од нив и дека сите ќе се приклучат. Сè уште не сме на тоа ниво, но мислам дека сè повеќе луѓе секоја година велат: Еј, праведноста и легитимитетот на овој систем навистина се зголемуваат ако оние што се збогатиле преку системот, делумно преку вештина, делумно преку среќа, инвестираат многу од своите ресурси, па дури и дел од своето време и енергија, во подобрување на општеството“, рече тој.

 

Бил Гејтс има нешто повеќе од 100 милијарди долари лично богатство надвор од Фондацијата Гејтс. Тој го стекнал поголемиот дел од тоа богатство како ко-основач на „Мајкрософт“, технолошкиот гигант што го основаше во 1975 година со Пол Ален.

 

Иако одамна го напушти секојдневното управување со компанијата, Гејтс беше најбогатиот човек во светот со децении благодарение на глобалниот успех на „Мајкрософт“ и неговите сопствени инвестиции преку инвестициската фирма „Каскејд“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.