
Aнкета по интервјуто кај Опра: Хари и Меган никогаш претходно не биле толку непопуларни меѓу Британците
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 12 Март 2021

Популарноста на принцот Хари и неговата сопруга Меган опаѓа и никогаш не била пониска меѓу Британците по нивното интервју со водителката на американската телевизија Си-би-ес, Опра Винфри, покажаа резултатите од истражувањето објавено денес од „Југов“ (YouGov), пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека интервјуто дадено од Хари и Меган ја донело монархијата стара 1.000 години во најголемата криза во овој век, а според анкетата спроведена од „Југов“, тоа влијаело не само на нивната туку и на популарноста на некои други членови на кралското семејство.
Според истражувањето, откриено е дека 48 отсто од 1.664 испитаници имаат негативен став кон Хари во споредба со 45 проценти од оние со позитивен став, што е првпат неговата вкупна оценка да биде негативна и претставува пад од 15 поени во споредба со една недела претходно, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека сега само три од 10 лица имаат позитивен став кон Меган, а 58 проценти имаат негативно мислење за неа.
Единствениот друг член на кралското семејство кај кого, според истражувањето, е забележан пад на популарноста е таткото на Хари, престолонаследникот Чарлс, кого сега негативно го оценуваат 42 процента од Британците наспроти 49 отсто од оние со позитивно мислење.
Според анкетата на „Југов“, и натаму најпопуларна е 94-годишната кралица Елизабета за која дури 80 проценти од испитаниците мислат позитивно, а за постариот брат на Хари, Вилијам, и за неговата сопруга Кејт, позитивно мислење имаат три четвртини од испитаниците.
Посебна анкета, која била спроведена делумно пред емитувањето на интервјуто во Британија, покажала дека поддршката за монархијата како целина е во голема мера непроменета - со 63 проценти од Британците што го поддржуваат ваквото уредување, а 25 отсто сакаат избран шеф на државата, соопшти агенцијата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
