Израелската армија влезе во најголемата болница во Газа, тврдејќи дека тоа е центарот на Хамас
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 15 Ноември 2023
Израелската армија објави дека влегла во комплексот Ал Шифа, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат.
Лекарот Мунир ал Бурш, генерален директор на Министерството за здравство на Газа, изјави за Ал Џезира дека израелските сили влегле во западниот дел на здравствениот комплекс.
„Се слушаат големи експлозии, а прашина доаѓа до областа каде што се наоѓаме. Веруваме дека експлозијата се случила во самата болница“, изјави Бурш.
Неколку часа подоцна, портпаролот на министерството Ашраф ал-Кидра за истите медиуми изјави дека „окупациската војска сега е во подрумот и го пребарува“.
„Тие се во комплексот, пукаат и гранатираат“. Израелските сили најпрвин ги нападнаа хируршките и итните оддели, изјави Мохамед Закут од Министерството за здравство.
Според последните извештаи од најголемата болница во Газа, Ал Шифа, во болницата се уште има неколку стотици пациенти и медицински персонал, како и неколку илјади луѓе кои побарале засолниште таму.
Д-р Мунир Ал-Бурш во понеделникот рече дека медицинскиот персонал ја одбил наредбата на израелските одбранбени сили да се евакуираат бидејќи не сакале да ги напуштат околу 700 пациенти кои инаку би умреле. „Проблемот не се лекарите, проблемот се пациентите. Ако ги оставиме, ќе умрат. Ако ги земеме, ќе умрат по пат. Ова е проблемот: зборуваме за 700 пациенти“, рече тој.
Лекар кој работи во болницата Ал Шифа изјави за Си-Ен-Ен дека биле известени за операцијата само 30 минути пред израелските сили да влезат во комплексот денес.
Ројтерс засега не може самостојно да ги потврди овие наводи за ситуацијата во болницата Ал Шифа.
Во последните денови се повеќе апели има од меѓународната заедница за хуманитарен прекин на огнот, а судбината на таа болница е во центарот на светското внимание поради влошените услови таму. Во болницата се сместени илјадници пациенти, медицински персонал и бегалци.
Израел тврди дека милитантното движење Хамас има команден центар под Ал Шиф и ја користи болницата и тунелите под неа за да ги скрие воените операции и да држи заложници.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека „врз основа на разузнавачките и оперативните потреби“ спроведуваат „прецизна и насочена операција против Хамас во одредени области на болницата Ал Шифа“.
Израелската армија додаде дека со своите сили има „медицински тимови и арапски говорници, специјално обучени да се подготват за оваа сложена и чувствителна средина, со цел да не им наштети на цивилите“.
Портпаролот на ИДФ, Питер Лернер, изјави за Си-ен-ен дека болницата и комплексот се центар на операции на Хамас, потенцијално дури и неговото „срце“.
Соединетите Држави рекоа дека нивните разузнавачки информации се совпаѓаат со заклучоците на Израел.
Хамас одговори дека најавата на Вашингтон практично му дала на Израел „зелено светло“ да влезе во болницата во центарот на Газа.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс