Украинската армија: Русија изврши голем напад врз градовите низ земјата со беспилотни летала и ракети

Украинските воздухопловни сили утринава соопштија дека Русија со беспилотни летала и крстаречки и балистички ракети го нападнала Киев и другите градови низ Украина.

Неколку серии експлозии го потресоа главниот град на Украина рано утринава, поради што жителите брзаат кон засолништата, пренесува АП.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека итната помош била повикана во областите Холосиевска и Соломјан во Киев. Наводно едно лице е повредено во областа Шевченковски, додаде Кличко.

„За се ќе има одговори. Непријателот ќе го почувствува тоа“, објави шефот на претседателскиот кабинет Андриј Јермак на Телеграм по нападот.

Според воздухопловните сили, Русија истрелала неколку групи крстаречки ракети кон Киев, по што следело лансирање на балистички ракети и неколку беспилотни летала.

Експлозии одекнаа и во Харков, вториот по големина град во Украина, јавуваат украинските медиуми.

Големиот напад се случи еден ден откако руската војска објави дека пресретнала и уништила 158 украински беспилотни летала, кои биле насочени кон повеќе руски региони во еден од најголемите напади од почетокот на војната, пренесуваат медиумите во светот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.