Британскиот министер за одбрана: Очекуваме Америка да ја поддржи Украина сѐ додека е потребно

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, денеска изјави дека очекува Америка, заедно со западните сојузници, да продолжи да дава помош за Украина сѐ додека е потребно.

 

Запрашан дали поддршката за Украина е намалена откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД на 5 ноември, Хили за „Скај њуз“ изјави дека очекува Вашингтон да продолжи да му дава помош на Киев заедно со сојузниците, како Британија, додека Украина не победи во војната. Хели рече дека Трамп ќе разбере оти земјите се безбедни кога се силни и дека сојузите како НАТО го овозможуваат тоа, објави „Ројтерс“.

 

За време на предизборната кампања Трамп зборуваше за завршување на војната во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Од победата на Трамп на изборите, американскиот претседател во заминување, Џозеф Бајден, се обиде да обезбеди американска поддршка за Украина. Белата куќа во четвртокот објави дека ќе продолжи да ја зголемува хуманитарната и воената помош за Украина користејќи средства што веќе ги одобри Конгресот.

 

Бајден ќе побара од Трамп да не ја прекинува помошта за Украина кога ќе се состанат в среда, изјави во неделата американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан. „Бајден ќе има можност во следните 70 дена да им претстави на Конгресот и на новата администрација дека САД не треба да ја прекинат помошта за Украина бидејќи тоа би значело поголема нестабилност во Европа“, рече Саливан, пренесе „Танјуг“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.