Бајден: Можев да го победам Трамп на изборите

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека верува оти ќе го победел Доналд Трамп на ноемвриските избори, објави Би-Би-Си.

Бајден (82) сепак додаде дека не е сигурен дали би имал доволно енергија за уште еден четиригодишен мандат.

„Засега се е во ред, но кој знае како ќе се чувствувам на 86 години“, коментира тој.

Бајден, исто така, откри дека сè уште ја разгледува можноста за превентивно помилување за противниците на Трамп, вклучително и поранешната републиканска конгресменка Лиз Чејни и поранешниот врвен здравствен функционер Др. Ентони Фаучи.

Во интервјуто објавено вчера, Бајден рече дека бил многу директен со Трамп за можните помилувања за време на нивната средба во Овалната соба веднаш по изборите во ноември.

„Се обидов да му објаснам дека нема потреба од тоа и дека би било контрапродуктивно да се врати назад и да се обиде да се пресмета“, рече Бајден, додавајќи дека Трамп не се спротивставил, туку главно само слушал.

Бајден истакна дека неговата конечна одлука ќе зависи од тоа кого Трамп ќе избере за членови на неговиот кабинет.

Бајден, исто така, рече дека Трамп е полн со пофалби за неговата економска политика.

„Тој мисли дека оставам добро досие зад себе“, рече демократскиот претседател. Интервјуто за „УСА Тудеј“ е единственото печатено интервју кое Бајден го дал пред да ја напушти функцијата. Белата куќа строго го контролира медиумскиот пристап до Бајден, претседателот не одржа ниту една прес-конференција откако се повлече од трката на 21 јули.

Во интервјуто, претседателот во заминување го бранеше и целосното и безусловно помилување за неговиот син Хантер Бајден, кој се соочуваше со осуда во два кривични случаи, за затајување данок и нелегална набавка на оружје, и покрај претходните тврдења дека нема да го стори тоа.

Бајден, кој првпат влезе во американскиот Сенат во 1972 година, се соочи со критики во сопствената партија за неговата неподготвеност да се повлече од претседателската трка и покрај загриженоста за неговата возраст и менталната подготвеност.

„Кога Трамп се кандидираше за реизбор, навистина верував дека имам најголеми шанси да го победам. Но, исто така, не планирав да бидам претседател на 85 или 86 години“, рече Бајден.

По поразот на потпретседателката Камала Харис од Трамп, високи членови на Демократската партија, како што е поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, изјавија дека демократите можеби би имале подобри резултати на изборите доколку Бајден се повлечеше од трката порано.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.