Номинациите за Оскар повторно се одложени поради пожарите во Лос Анџелес

Американската академија за филмски уметности и науки денеска соопшти дека повторно го одложи објавувањето на номинацијата за наградата Оскар до 23 јануари, поради пожарите кои се уште беснеат во околината на Лос Анџелес.

 

Во исто време, Академијата го откажа својот годишен ручек, кој требаше да се одржи на 10 февруари, објави Њујорк Тајмс.

 

Академијата, која е домаќин на Оскарите, објави дека повторно ќе го продолжи периодот на гласање за номинациите, а како што е најавено, номинациите ќе бидат објавени на 23 јануари во 5:30 часот по пацифичко време.

 

Првично, номинациите за Оскар требаше да бидат објавени во петок, на 10 јануари, но Академијата минатата недела го објави првото одложување за неколку дена.

 

„Сите сме уништени од влијанието на пожарите и длабоката загуба што ја претрпеа многумина во нашата заедница. Поради сè уште активните пожари во областа на Лос Анџелес, сметаме дека е неопходно да го продолжиме периодот на гласање и да го поместиме датумот на нашите номинации да им овозможат дополнително време на нашите членови“, рече извршниот директор на Академијата, Бил Крамер и претседателката Џенет Јанг во соопштението.

 

Како што е најавено, 97. доделување на Оскарите, кои се сметаат за најпрестижната филмска награда во светот, ќе се одржи, како што претходно беше најавено, во недела на 2 март во театарот „Долби“ во Лос Анџелес и ќе се емитува во живо во повеќе од 200 земји низ целиот свет.

 

Академијата додаде дека ќе учествува во оддавањето почит на оние кои се на првите линии на фронтот и помагаат во гаснењето на пожарите, во препознавањето на погодените од нив и ќе ги охрабри луѓето да се приклучат во поддршката на хуманитарните напори.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.