Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 20 Јануари 2025
Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс