Палестинците го слават враќањето на затворениците: „Во затвор беше страшно“

Околу 90 палестински затвореници се ослободени во замена за тројца израелски заложници кои Хамас му ги предаде на Израел како дел од примирјето со цел да се стави крај на 15-месечната војна во Газа.

Затворениците, од кои повеќето беа ослободени во раните утрински часови денеска од затворот Офер во Рамала на окупираниот Западен Брег, беа пречекани со прослави од илјадници луѓе кои вееја палестински знамиња и знамиња на Хамас.

Семејствата и пријателите чекаа со часови на студ за да ги прегрнат своите најблиски, пуштени како што беше договорено.

Меѓу ослободените беше и Шата Џараба (24), која беше уапсена поради објава на социјалните мрежи во која ја критикуваше „бруталноста“ на кампањата на Израел во Газа. „Многу сум среќна! Фала му на Бога, излезена сум. Во затворот ме третираа многу лошо. Беше страшно“, изјави таа за Гардијан.

„Среќен сум, но не целосно. Ќерка ми беше уапсена само затоа што ги искажа своите ставови… Најмногу ме боли тоа што луѓето мислат дека Израелците вака се однесуваат со нас само од 7 октомври, но вистината е дека отсекогаш било вака“, рече таткото на Џараба, Наваф Џараба (63).

Во неделата, три жени заложници од тунел во Газа – Емили Дамари (28), Роми Гонен (24) и Дорон Штајнбрехер (31) – беа ослободени и вратени кај нивните семејства. Снимките покажуваат дека се во добра здравствена состојба, но ќе поминат неколку дена во болница.

Првата фаза од прекинот на огнот вклучува ослободување на 33 заложници од Газа и стотици Палестинци од израелските затвори. Следните фази планираат ослободување на преостанатите заложници, целосно повлекување на Израел од Газа и реконструкција на територијата. Условите за управување во Газа остануваат нејасни.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.