
ЕУ нема целосно да го забрани увозот на руски гас во новиот пакет-санкции
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 29 Јануари 2025

Европската Унија нема целосно да го забрани купувањето руски течен природен гас (ЛНГ) во својот најнов пакет-санкции и покрај притисокот целосно да се забрани увозот на овој извор на енергија, изјавија двајца дипломати на ЕУ за „Ројтерс“.
Европската комисија планира официјално да го претстави 16-тиот пакет-санкции против Русија на земјите членки на ЕУ, според дипломатите кои сакаа да останат анонимни.
Сепак, предлогот нема да вклучува сеопфатна забрана за увоз на руски ЛНГ. Наместо тоа, забраната ќе важи само за пренасочување на рускиот ЛНГ кон терминали што не се поврзани со гасната мрежа на ЕУ – ограничување што нема значително да влијае на поголемиот дел од увозот на овој извор на енергија.
Покрај ЛНГ, новиот пакет-санкции предвидува казнени мерки против руските танкери за извоз на нафта,, кои се дел од таканаречената флота во сенка. Според дипломатите, ЕУ планира да санкционира 74 нови брода.
Пакетот вклучува и ограничувања на рускиот извоз на алуминиум, според тројца европски дипломати. ЕУ сè уште увезува околу 6 отсто од својот алуминиум од Русија, што претставува значително потпирање на овој извор.
Дополнително, санкциите ќе важат и за извозот на опрема за видеоигри, вклучувајќи го и Xbox на „Мајкрософт“, за кој ЕУ тврди дека Русија го користи за контрола на беспилотни летала.
Испуштањето целосна забрана за ЛНГ ќе ги разочара земјите што се залагаат за построг пристап кон Москва. Минатиот месец десет земји од ЕУ, вклучувајќи ги Финска, Полска и балтичките земји, ја повикаа Европската комисија „да го забрани увозот на руски гас и ЛНГ што е можно побргу“.
Новиот пакет-санкции доаѓа откога податоците покажуваат дека ЕУ увезла рекордни количини руски ЛНГ минатиот месец. Според извештајот објавен во вторникот, извозот на руски ЛНГ во ЕУ минатата година се зголемил за речиси 20 отсто во споредба со 2023 година.
Иако ЕУ досега го забрануваше најголемиот дел од увозот на руски јаглен и нафта, таа не успеа да го ограничи купувањето руски гас, главно поради противењето на Унгарија и другите земји.
Поголемиот дел од рускиот ЛНГ доаѓа од огромниот капацитет „Јамал“ во северен Сибир и пристигнува до европските пристаништа во Шпанија, Белгија и Франција, според „Политико“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
