Малата Данка исчезна пред точно една година, нејзиното тело се уште не е пронајдено

Една година по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во Бањско Поље кај Бор во Србија, клучните докази се уште ги нема. Телото на девојчето не е пронајдено, на местото на злосторството не се пронајдени биолошки траги, а обвинетите работници на Водовод во Бор ги повлекле признанијата и тврдат дека биле принудени.

Во меѓувреме, како што има сомнеж, Далибор Драгијевиќ, братот на еден од осомничените, бил убиен за време на полицискиот распит. Неговиот случај е префрлен во друго обвинителство, но и по 11 месеци никој не одговара за неговата смрт. Се поставува прашањето дали правдата ќе биде задоволена за случајот со исчезнатото девојче, пишува Нова.рс.

Работниците од „Водовод“ во Бор се обвинети за убиството на малата Данка, кои се товарат дека кобниот ден со службено возило го удриле девојчето, а потоа телото го ставиле во автомобил.

Според полицијата и обвинителството, Данка во еден момент се освестила, по што еден од осомничените наводно ја убил.

Иако осомничените првично го признале делото во полиција, подоцна на распитот во обвинителството ги повлекле изјавите, тврдејќи дека биле принудени со тепање во полициската станица. Оттука, обвинителството остана со задача да го изгради обвинението против нив врз други докази. Тврдењата за злоупотреба при сослушување, исто така, ја доведоа во прашање веродостојноста на досега собраните докази, додека се уште нема одговор на прашањето каде е телото на Данка Илиќ.

И покрај опсежното пребарување на Бањско поле и околните села, полицијата не успеа да најде ниту една трага за локацијата на телото. Стотици полицајци со денови ја пребаруваа областа, но безуспешно.

Тие се фокусираа конкретно на депонијата каде што осомничените претходно тврдеа дека го сокриле телото. Реонот бил пребаруван неколку пати, но без никакви траги кои укажуваат на присуство на девојчето.

Друго важно прашање на кое надлежните институции не нудат одговори е како е можно на местото на злосторството да нема биолошки траги од Данка Илиќ. Досега се анализирани повеќе од 500 примероци од автомобилите што ги користеле осомничените тој ден, но ниту на една не е пронајдена нејзината ДНК.

Покрај неизвесноста околу исчезнувањето и убиството на Данка Илиќ, контроверзно е и тоа што полициските службеници одговорни за смртта на Далибор Драгијевиќ во полициската станица Бор сè уште не се кривично гонети. Поминаа повеќе од 11 месеци од неговата смрт, а никој не е уапсен, иако обдукцијата покажа дека се работи за насилна смрт и дека има сериозни повреди.

Далибор Драгијевиќ, да потсетиме, почина во април минатата година на распит во полициската станица во Бор. Српското МВР тогаш соопшти дека му се слошило на распит и дека починал од природна смрт. Сепак, како што откри порталот Радар, Драгијевиќ бил претепан, а обдукцијата потврдила тешки физички повреди.

И покрај овие информации, до денес не е покренато обвинение ниту пак некој одговара за неговата смрт. Случајот прво го водело Вишото јавно обвинителство во Заечар, а подоцна е префрлен во Ниш. Драгијевиќ беше брат на еден од осомничените за убиството на Данка Илиќ, што дополнително ги продлабочува сомнежите и отвора голем број прашања за работата на институциите.

Поврзаноста меѓу овие случаи и фактот дека и двата се под истрага го отвора прашањето дали некогаш одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.