
Христијан Стојанов е уште едно младо момче што влезе во „Пулс“ за да спасува луѓе: „Обезбедувањето ни помогна многу“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Март 2025

Осумнаесетгодишниот Христијан Стојанов е уште еден херој од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој не размислувајќи за сопствениот живот влегол во оган за да спасува луѓе.
Тој е ученик во средното текстилно училиште во Штип, и за штипската телевизија „Тв Стар“ зборуваше за сето она што го доживеал ноќта на 16 март – за спасувањето животи, помошта од обезбедувачите, деновите поминати во болница и траумата со која се соочува.
Тој бил надвор од дискотеката кога го здогледал огнот. Во моментот се сетил дека неговиот братучед е внатре.
„Кога ја видовме глетката пред дискотеката, се погледнавме со мојот близок другар Давид Симонов и знаевме дека треба да влеземе внатре. Не се сеќавам како успеав да ја натопам маицата, но ја ставив на устата и влегов внатре. Се обидувавме да извадиме што повеќе луѓе. Оние кои беа живи не можеа да излезат од чадот што им ги печеше очите. Им подававме рака и ги влечевме надвор. Оние кои беа онесвестени ги носевме пред дискотеката. Имаше надвор луѓе кои што немаа храброст да влезат внатре во диското, но ги преземаа повредените пред влезот, па ги носеа на страна да пробааат да ги освестат или да ги однесат в болница“, раскажа младиот Стојанов.
Рече дека внатре имало повеќе негови познаници, но во тој момент не размислувал дали да спасува некој што го познава или не, само се трудел да спаси што повеќе луѓе.
Вели дека бројот на загинатите ќе бил уште поголем без обезбедувањето кои им помагало за сето тоа време.
„Ни кажуваа од каде да одиме да ги извлекуваме луѓето и сето тоа се правеше со нивна помош“, раскажа Стојанов.
Кога стигнал пред дискотеката, вратата повеќе не била блокирана, тоа се случувало пред да стигне.
Стојанов вели и дека му починале блиски другари кои биле при свест, но не издржале. Денови по пожарот не можел да заспие од глетките.
Тој поминал десет дена во болница во Скопје. По враќањето од „Пулс“ дома снемал воздух, а во главниот град секојдневно примал терапија, инфузии, бил постојано на кислородна поддршка. Во Скопје имало и психолог и психијатар со кои разговарале.
Стојанов по се’ е горд на себе што успеал да извади некои луѓе кои останале живи и не очекува ништо за возврат, оти, како што вели, во прашање се човечки животи.
Претходно беше споделено видео и од 19-годишниот Јован Костадинов, кој зборуваше за спасувачките напори, кобната ноќ во која 59 луѓе го загубија животот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
